Почетна

ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија е основана како самостојно правно лице на 05.09.2007 година со одлука на Владата на РМ, врз основа на член 91 од Законот за здравствена заштита и Законот за установи, како дел од поранешниот ЈЗУ – Клинички центар – Скопје. Регистрирана е за вршење на специјалистичко-консултативна и лабораториска дејност од областа на медицинската биохемија, во која се изведува научно-истражувачка и образовна дејност, како и усовршување на задравствените работници. Клиниката е најголемата јавна здравствена установа од ваков вид во терциерната дејност во Република Македонија.

Својата дејност ја обавува согласно Статутот и другите законски и подзаконски акти, управувана од Управен одбор, раководена од Директор (според Законот за здравствена заштита застапуван од две лица: медицински и организациски директор) .

Раководството на Клиниката е посветено на постојаното усовршување на системот за управување со квалитет, со цел да се одржи традиционално високото реноме на услугите во нашата дејност. Убедени сме дека од квалитетот, достапноста на услугите, професионалната етика и максималната посветеност на задоволството на пациентите, лекарите и општествената јавност, зависат иднината и просперитетот на нашата Клиника.

Следењето на квалитетот на нашите анализи е имеператив повеќе од дваесет години преку учеството во интернационални шеми за контрола на квалитет (RIQAS и EQAS). Преку политиката за континуирана едукација на здравствените работници и соработници во земјата и странство, создаваме предуслови за унапредување на рутинската лабораториска пракса, како и за воведување нови, софистицирани методи во биохемиско-лабораториската дејност.

Врвните приоритети на нашата Клиника се имплементација на стандардот за медицински лаборатории ISO 15189:2012, како определба на сите вработени и добивањето акредитација.

Користењето најсовремена, автоматизирана опрема, високо-стручниот персонал составен од специјалисти по медицинска биохемија, како и доктори на науки од различни области, претставуваат база врз која ја градиме перспективата за врвна, референтна здравствена и научно-наставна институција.

Високата етичност, дискреција, заштитата на личните податоци и љубезноста кон пациентите, почитувањето на принципите на хоспитална култура и добра лабораториска практика се нашата трајна определба.

Сите новости