Историјат

ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија е организациска целина составена од два оддели – Интернистички оддел и Хируршки оддел.

Историски гледано, Интернистичкиот оддел е наследник на Институтот за клиничка биохемија (ИКБ, кој е формиран далечната 1950 година по иницијатива на еминентниот Проф.др. Александар Игнатовски, како лабораторија при Интерните клиники, под раководство на м-р.фарм. Алфред Правдиќ.

Новоформираната лабораторија понатаму продолжува да се развива како биохемиска лабораторија со воведување на нови методи и анализи, по вработувањето на дипл.хем. Радмила Ставриќ-Хрисохо.

Таа во 1961 година станува првиот специјалист по медицинска биохемија во Р Македонија, а како долгогодишен раководител на оваа институција е заслужна за нејзиниот развој во врвна здравствена, наставна и научна установа. Како професор, др. Радмила Ставриќ Хрисохо обавува настава на Катедрата по биохемија на Медицинскиот факултет. Новите методи и анализи кои се воведени во биохемиската лабораторија, имале за цел потполно да ги задоволат барањата на сите формирани клинички одделенија на Интерната Клиника.

Во 1974 година, лабораторијата преминува во независна организациона единица-ООЗТ, при што се формираат одделенија и отсеци за чии потреби се вработуваат високо стручни кадри. Истите активно учествуваат во развој на лабораториската, едукативната и научната дејност. Во 1980 година, Институтот е опремен со прв автоматски биохемиски анализатор, со што значително се подобрува квалитетот и ефикасноста на работењето.

Како централна и референтна лабораторија, ИКБ е задолжена за водење како на внатрешна, така и на надворешна контрола на квалитет на лабораториите во поголемите градови во Македонија. Истовремено, оваа Институција е вклучена и во контрола на квалитет на ниво на СФР Југославија.

Во 1992 год. за директор на ИКБ е назначена др.Билјана Поленаковиќ, под чие раководство се воведени голем број на анализи, како и набавка на биохемиски и имунолошки анализатори со најсовремена технологија. Истата година со реорганизација на Клиниките на Медицинскиот факултет, во состав на ИКБ, организациски и функционално влегуваат и сите биохемиски лаборатории на Клиниките. Од овој период, во составот на ИКБ денес останува само лабораторијата при Хируршките клиники, како Ургентен хируршки оддел. Раководена долги години високо професионално од д-р Олга Малева, и по нејзиното пензионирање 1988, го зачувува статусот на врвна лабораторија во која се изведува и наставна дејност на студенти и специјализанти по медицинска биохемија. Денес располага со персонал од 20 вработени, под раководство на д-р Виолета Дирјанска Филипче, спецајалист по медицинска биохемија.

Во деведесеттите години ИКБ воведува интернационалната контрола на квалитет RIQAS, подржана од Министерството за Здравство, а подоцна и во интернационална контрола EQAS, за сите параметри.

Од 1995 година високо стручниот кадар, обавува практична и теоретска настава по Клиничка биохемија за студентите од Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет.

Од 2000 год. за директор на ИКБ е именувана д-р Марија Пасху, специјалист по медицинска биохемија, кога Институтот се опремува со биохемиски анализатор на принцип на сува хемија ,брз и прецизен апарат, наменет за 24 часовна подршка на потребите на Клиничкиот центар.

Покрај обемната здравствена дејност, стручниот кадар од Институтот се ангажира во издавање стручна литература како автори и коавтори на “Практикум од Клиничка биохемија” (2004); “Практикум за практични вежби по Клиничка биохемија за студенти по фармација” (2004); “Клиничко-лабораториски прирачник за наставници, специјализанти и студенти по медицина” (2006). Дел од колективот е континуирано вклучен во стручни активности преку членство во здруженија и организации за унапредување и подобрување на лабораториската дејност.
Стручниот кадар учествува со научни трудови на разни семинари, предавања и конгреси на национално и меѓународно ниво.

Во 2006 година за вршител на должност, директор на ИКБ, е именуван Виш научен соработник д-р. сци. Ангел Митревски. Следната, 2007 година, со реорганизација на Клиничкиот центар, ИКБ се трансформира во самостојна Универзитетска клиника за клиничка биохемија. Во овој период Клиниката финансиски се стабилизира и се обновува со современа, автоматизирана лабораториска апаратура. Со новиот закон за здравствена заштита, во 2009 год. како организациски директор на Клиниката е назначен дипл.ецц. Сашо Трајковски.

На местото медицински директор, по пензионирањето на д-р. Ангел Митревски, во 2012 како вршител на должност е назначена Научен соработник д-р. сци. Соња Кузмановска.

Вкупно вработени 81
Здравствени работници и соработници 62
Доктори на науки 6
Специјалисти по медицинска биохемија 5
Специјализанти по медицинска биохемија 2
Специјалист по медицнска генетика 1
Специјалист по микробиологија 1
Администрација 19

Годишно на Клиниката се изработуваат околу 1500 000 анализи и нивниот број е во постојан пораст.